Редовни професионални чистења на забите

Во нормални услови во устата на човекот постојат физиолошки (нормални) услови на плунка со нејзин состав, температура и микрофлора. Во тие услови нормално е постојано да се создрава плак кој се налепува на површините на забите и кој треба редовно да се чисти со четкање на забите навечер и наутро.

Но, и покрај редовната хигиена на устата и забите, постојат делови меѓу забите кои не толку ефикасно се четкаат, како и места кадешто има застој на плунка или излез на плунковни жлезди од кои постојано се слева плунка преку некои заби. На тие места во период од повеќе месеци забниот плак се минерализира, станува цврста наслага на која има биофилм од бактерии. Таа цврста наслага, понекогаш невидлива на дневна светлина, треба да се отстрани со професионално чистење на забите. Тој третман содржи ред на чекори а, тоа се: чистење на тврдите и меки наслаги со ултразвук, полирање на забните површини, пескарење на забите, испирање со орални дезинфициенси зависно од состојбата на забалото според одлуката на докторот – терапевт. Во оваа посета се прави и обука на пациентот за правилно одржување на орална хигиена, како и потенцирање на техниките соодветни за потребите токму на тој човек.