Хируршко вадење на скршени заби и на импактирани заби (најчесто „умници“)

Третите катници, „осмиците“ или тн.„умници“ се заби кои се последни во низот на забите. Тие не само што се наоѓаат на крајот на забниот низ, туку и никнуваат најдоцна во однос на сите други трајни заби, односно некаде по 20-тата година од животот. Затоа што другите заби во коската на вилиците веќе си го завземале своето место, понекогаш за умниците нема доволно место, па тие никнуваат искривено, некогаш не можат цели да никнат, па се појавува само еден дел од нив, а понекогаш завземаат сосема нетипична положба во коската (хоризонтално-наместо вертикално поставени, свртени со коронката кон образот, јазикот или дури надолу или наназад). Во такви услови овие заби никогаш нема ни да се појават во устата, а најчесто нема потреба ниту да се извадат.

Најчеста потреба „заглавените“ осмици да се извадат е кога тие од некоја причина им наштетуваат на соседните заби. Понекогаш, полуникнатите осмици прават пародонтални џебови кон претходниот заб, причинувајќи огромни кариеси на седмиците пред нив, или пак инфекции со силна болка и оток кои мора да се санираат со антибиотици. Понекогаш никнувањето на осмиците може да предизвика збиеност на останатите заби кои резултираат со преклопени и искривени предни заби или предкатници. Тогаш индицирано е нивно вадење.

Одлуката дали еден умник треба да се извади или не, ја донесува докторот во договор со пациентот со добра анамнеза, клинички преглед и соодветна ртг снимка.

Хируршко вадење подразбира подготовка на тим, апарати и инструменти со кои најбезбедно, најбрзо и најсоодветно ќе се извадат забите што не може да се извадат со амбулантска процедура. Хируршкото вадење опфаќа чекори на подготовка на просторијата, на пациентот, анестезија – истата и за поправка на заби – со која процедурата станува безболна, вадење на забот и давање на соодветни постоперативни инструкции.

Со следење на постоперативните инструкции, најчесто нема болка, а утредента има мал реактивен оток кој минува во наредните неколку денови. За некои од најчестите реакции, објаснување се дава и на контролите што се закажуваат по интервенцијата со што нашите пациенти се комплетно згрижени со цел полесно и побрзо зараснување на оперираната регија.

Постоперативни инструкиции

Хируршко вадење на скршени заби или гангренозни корени

Некои заби за жал се толку уништени од кариес што нивните остатоци се размекнати корени кои се во ниво на коската, недостапни за класична процедура на вадење на заб. Најчесто тоа се веќе многукратно лекувани заби, одамна ендодонтски третирани, чија коронка се скршила заради масивни кариеси или несоодветни реставративни или протетски решенија. Во секој случај, меките и распаднати корени кои се во коската далеку поедноставно и побрзо се вадат ако за тоа се испланира хируршки зафат при кој со соодветна апаратура и инструментариум оралниот хирург со помалку оштетување на околните ткива и за пократко време ќе ги извади проблематичните корени. Таквиот пристап дава побрзо и поедноставно зараснување токму заради правилното ракување со ткивата (коска и гингива) при вадењето на корените, па нашите пациенти се позитивно изненадени од периодот потоа.

Конкретно фазите на хируршко вадење најчесто опфаќаат мал рез на мекото ткиво, работење во тврдите ткива налик на поправање на заб, вадење на коренчиња или нивни делови и затворање на раната. Сите фази се безболни затоа што целата регија е анестезирана.

Секој хируршки зафат опфаќа термин за преглед (дијагностика), термин за хируршката интервенција, утредента кратка контрола и контрола по 7 дена.