Терапија на умерена пародонтална болест со метод на затворени киретажи со или без поддршка на ласер

Умерената пародонтална болест има пародонтални дефекти кои се длабоки до 5 мм и се граница кога тие можат да бидат одржувани или пак имаат тенденција да се влошуваат и продлабочуваат. Оваа фаза од болеста опфаќа неколку посети од кои првата секогаш е иницијална терапија кога и се прави дефинитивното проценување на состојбата и деталните пародонтолошки мерења. Во следните чекори сите загрозени зони се обработуваат до ниво да се отстранат и најдлабоките наслаги и болно ткиво, што се прави со локална анестезија и е безболно а се изведува со ултразвук, специјален пародонтолошки инструментариум и со ласер. По третманот обично нема никаква болка, а евентуално мал дискомфорт или осетливост на притисок еден ден. Откако сите зони со волку длабоки дефекти ќе се обработат а, пациентот во тек на овие посети ќе се контролира и мотивира за најсоодветна орална хигиена, се прави план за термините за одржување на оваа состојба и пациентот се доведува до состојба на орално здравје! Најчесто ниту во текот на овие третмани не е потребна никаква додатна терапија ниту антибиотици, чија употреба е ефикасна само во одредена фаза од терапијата и сведена само на најнеопходниот минимум, затоа што оваа болест не се лекува со антибиотик туку со серија на стоматолошки третмани.